Отворена трибина на тема: „Живот без насилство“

Во рамки на националната кампања „16 дена активизам против семејно насилство“, денес во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Организацијата на жени – Велес, со поддршка на Општина Велес организираше отворена трибина на тема: „Живот без насилство“.

 

Пред многубројните присутни од локаните установи, институции, здруженија на граѓани, претставници на медиумите, членови на Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите-Велес , гости од организации на жени од Кавадарци и други заинтересирани граѓани, своја презентација имаа претставници од Министерството за труд и социјална политика.

Воведно обраќање имаше г-ѓа Мирјана Трајкова, претседателка на Организација на жени, а сите присутни имаа можност да добијат работни материјали, едукативни флаери и беџови со порака: „Живот без насилство“.

За политиките на Владата на Република Македонија за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите и промовирање на недискриминацијата и улогата на локалната самоуправа при нивната имплементација говореше г-ѓа Јована Тренческа, советник во Секторот за еднакви можности.

Од нејзина страна беше истакната досегашната успешна соработка со Општина Велес и сите заложби на координаторот и Комисијата за еднакви можности за создавање услови за еднакви можности, со што институционално Велес е првата општина за пример по прашањето за родова рамноправност.

На трибината беше презентиран и првиот системски Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство од страна на г-ѓа Софија Спасовска, помошник раководител во Секторот за социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика.