„Ден на дрвото – Стоп за катастрофите”
Oколината на Езерото Младост денес беше локацијата каде во рамките на 14-тата по ред Национална акција „Ден на дрвото 2014” се засадија околу 20.000 садници на површина од 5 хектари. Река од ученици и нивните наставници, вработени во администрацијата, јавните претпријатија, припадници на АРМ, вработени од ЈКП „Дервен" и граѓани на Велес активно се вклучија во акцијата „Ден на дрвото" за да придонесат во создавањето на здрава и чиста животна средина за сегашните и идните генерации.
Заедно со граѓаните денеска беа и Градоначалникот Славчо Чадиев, Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, Пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев, како и останати функционери од централната и локалната власт кои се вклучија во годинешната акција за пошумување под мотото „Стоп за катастрофите”.
„И годинава ќе ја исполниме задачата. Ќе засадиме 20 000 чемпреси. Временски услови се поволни и очекувам акцијата да помине одлично.“ – истакна Градоначалникот Чадиев.
„Со граѓаните на Велес денеска сум вклучена во оваа акција,која е многу благородна. Засадивме прекрасни чемпреси. Природата е нашето најголемо богатство и на овој начин придонесуваме за неа.“ - рече Министерката Елизабета Канческа – Милевска.
„Акцијата започна во март 2008-та година. Досега во Македонија се засадија над 50 милиони дрвца, а само во оваа акција околу пет милиони.“ - напомена Пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев.
Акцијата за пошумување освен во текот на денешниот ден ќе продолжи и во наредните. Екипи на шумското стопансто „Бабуна“ ќе бидат ангажирани во садењето и набљудувањето на веќе насадените дрвја. Од нивна страна, скоро 320.000 садници ќе бидат насадени на површина од околу 78 хектари во близина на Велес.