Ден на Партнерства на Вардарски плански регион
Денес во Велес со низа активности свечено беше одбележан „Денот на Партнерства на Вардарски плански регион”. Најпрво по употреба беше пуштено седиштето на Мрежата за инклузивен развој на ВПР кое се наоѓа во обејктот на поранешното Радио Велес. Стартот со работа го означија Заменик постојаниот претставник на УНДП во Република Мекедонија Алесандро Фракасети и Градоначалникот на Општина Велес и Претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион Славчо Чадиев.
Во изминатиот период, за оваа цел, Oпштина Велес ја отстапи на користење зградата на поранешно Радио Велес на Центарот за развој на ВПР по претходно донесена одлука од страна на Советот на Општина Велес со цел да се користи како седиште на Мрежата за инклузивен развој на ВПР. Реконструкцијата се состоеше од изведување на електроинсталација, водоводна инсталација и градежни зафати.
Од денес, Мрежата доби седиште во кое ќе продолжи да ги одржува своите редовни седници и состаноци преку кои во континуитет ќе ја остварува својата мисија, односно ќе ги координира и спроведува мерките и активностите за поддршка на јавниот, приватниот и невладиниот сектор во создавањето на услови за развој на силна и конкурентна економија на ВПР. Покрај седиште на Мрежата исто така објектот ќе се користи и за редовно работење на Центарот поради зголемените работни ангажмани како резултат на зголемениот број на проекти финасиски поддржани од Програмата за развој на ОН- УНДП.
Во склоп на одбележувањата на „Денот на Партнерствата на ВПР” денес беше потпишан и Договор од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Центарот за развој на ВПР и Општините Велес и Кавадарци за воспоставување на меѓуопштинска соработка во социјалната заштита на децата и ранливите групи помеѓу општините Велес, Кавадарци, Чашка, Градско и Росоман. На договорот свој потпис ставија Заменик постојаниот претставник на УНДП во Република Мекедонија Алесандро Фракасети и Градоначалниците на Велес и Кавадарци Славчо Чадиев и Александар Панов.
На овој настан беа прикажани и снимените видео материјали за потребите на лицата со попречености како и за кампањата за вработување на најдобрите студенти од Вардарскиот плански регион во компаниите од регионот. Притоа, пред присутните гости презентирана беше и активноста за воспоставување на меѓуопштинска соработка во социјалната заштита и заштитата на децата и ранливите групи помеѓу општините Велес, Квадарци, Чашка, Градско и Росоман.