Прес конференција (25.01.2007)
Ова го доживувам како потврда на нашето одговорно и чесно работоње, со голема посветеност, со јасна визија, добра стратегија, правилен редослед на приоритети и активности“. Ова меѓу другото го изјави градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој ги информираше преставниците на медиумите за официјалните резултати од второто мерење на индексот на капацитет на општините. Индексот за мерење на капацитетите е направен во 5 области кои вклучуваат по пет категории. Индексот на општините во ова мерење се движи од 6 до 56 поени. Општина Велес е оценета со вкупно 56 поени, а просекот на општините изнесува 23,06 поени.
Градоначалникот Коцевски упати благодарност до граѓаните на Општина Велес, медиумите, невладиниот и бизнис секторот без чија поддршка не ќе беше можно остварувањето на овие резултати.
На редовната средба со претставниците на медиумите, Коцевски ги информираше за тековните активности во рамките на проектот ЕМИ 2 за вработување на млади невработени, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации –УНДП. Во рамките на проектот, намера за вклучување доставиле вкупно 19 мали и средни претпријатија кои побарале ангажирање на 42 лица од кои 27 со средно и 15 со високо образование. Во наредниот период на јавен конкурс ќе бидат избрани 30 лица на возраст до 35 години кои ќе работат во период од 3 месеци со месечен надомест од 6000 денари. Според планираното, се очекува 50% од ангажираните лица да бидат задржани на работа.
Во контекст на успешниот почеток на второто полугодие во тековната учебна година,.Коцевски информираше дека општината успешно го реши проблемот со снабдувањето на училиштата со нафта.Притоа тој упати јавен демант на како што рече она, што мошне неодговорно го изјави Министерот Сулејман Рушити кој обвини за обид за набавка на нафта по пат на непосредна спогодба. „И покрај одобрувањето за интервентна набавка на нафта во вредност од 5 милиони денари од Бирото за јавни набавки, општината го извести Бирото дека тоа нема да го оствари правото за набавка на нафта со непосредна спогодба затоа што фирмата која се жалеше го повлече жалбеното барање. Веќе е потпишан договорот со фирмата што нашата Комисија за јавни набавки трипати ја избираше на тендер и училиштата се снабдени со нафта.Ова ја потврдува чесната и одговорна работа на Комисијата за јавни набавки при Општина Велес“, рече Коцевски.
На прес конференцијата, новинарите имаа можност да ги слушнат информациите за реализираните санациони зафати во Основното општинско училиште „Благој Кирков“ во текот на полугодишниот распуст. Поставени се нови подови во 6 училници за што се вложени 400.000 денари од Буџетот на општината. Две училници се опремени со нов инвентар во рамките на проектот „Декада на ромите“. Во завршна фаза се и активностите за санација на санитарните јазли во училиштето со поддршка од Светска Банка преку Проектот за модернизација на образованието. Финансиската поддршка изнесува 274.000 денари. Доколку се јави потреба за дополнителни средства тие ќе се обезбедат од Буџетот на општината.
Градоначалникот најави интензивирање на активностите за реализација на амбициозниот проект „Воспоставување на општински образовен веб портал“. Проектот ќе се реализира во соработка со Microsoft Македонија кој обезбеди 780.000 денари, ФИООМ која ќе обезбеди поддршка во висина од 912.300 денари и Кабелскиот оператор „Спринт“кој ќе обезбеди техничка поддршка. Во проектот чија вкупна вредност е 3 милиони денари, ќе се вклучи Владата на Република Македонија и Бирото за развој на образованието. Во првата фаза ќе бидат вклучени две основни училишта во Велес. Целта на проектот е да овозможи размена на информации, учење на далечина, размена на знаење, креирање на база на податоци и следење на успехот на учениците по електронски пат од страна на родителите.