Земјоделците со зголемен принос од системот „капка по капка”

Денес во Општина Велес, Центарот за развој на Вардарски плански регион заедно со Проектот за експанзија на мали бизниси, финансиски поддржан од УСАИД и Швајцарската влада, организираше средба со фармерите од регионот која произлезе како резултат на иницијативата “Да одгледуваме повеќе пченка”. Целта на денешниот настан беше да се презентираат постигнатите резултати на иницијативата и да се промовираат плановите за 2015 година.


Изминатава година, Проектот за експанзија на мали бизниси донираше системи капка-по-капка за одгледување на пченка на 15 земјоделци од регионот. Како резултат на овие системи, во просек, земјоделците од регионот успеаа да ги зголемат нивните приноси за три пати (од 4 тони/хектар на 12 тони/хектар). Најдобрите земјоделци во регионот постигнаа рекорден принос од 17 тони зрно по хектар. Беа воведени и модерни агротехнички протоколи со цел да им се помогне на производителите на пченка да ги зголемат приносите и да ги прошират бизнисите.
Иницијативата ќе продолжи и во наредната 2015 година, се со цел да се зголеми продуктивноста и домашното производство, што претставува вистинска можност за економски развој на регионот. Годинава со системи за наводнување ќе се финансираат и производители на сончоглед. Проектот за експанзија на мали бизниси, кој е фундиран од УСАИД и ко-фундиран од Швајцарската влада, во 2015 година ќе донира 45 системи за наводнување капка-по-капка во Вардарскиот плански регион.
Претседателот на Советот за развој на Вардарскиот плански регион и градоначалник на Општина Велес Славчо Чадиев во своето обраќање пред присутните изрази голема поддршка на активностите на Проектот за експанзија на мали бизниси.
„Како претседател на Советот за развој на Вардарски плански регион силно се залагам за регионалниот развој и го поддржувам овој проект. Затоа во име на општините, во име на Центарот за равој на Вардарскиот Плански Регион и во име на фармерите би сакал да упатам огромна благодарност што наредната 2015 година УСАИД и Швајцарската влада преку овој проект ќе продолжат да финансираат инсталации на системи капка-по-капка во нашиот регион.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Мартин Трајчев, специјалист за регионален развој од Проектот за експанзија на мали бизниси напомена дека воведувањето на нови технологии преку системите за наводнување капка-по-капка, е најдобриот начин да се поддржат земјоделците и млекопреработувачката индустрија, но и останатите земјоделци и прехранбени индустрии.
-„За таа цел, соработуваме и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое оваа година ќе одвои средства за субвенционирањето на набавката на системи капка-по-капка преку програмата за рурален развој за уште поголем број на фармери да можат да ги користат придобивките од овие системи.” – рече Трајчев.
Преку модернизацијата на производството на пченка и сончогледот во Македонија ќе се зголемат приходите на малите и средните земјоделски бизниси, но ќе се зголеми и вредноста на поврзаните индустрии кои зависат од пченката и сончогледот, како што се прехрамбената индустрија, млекопроизводството и живинарството. Примената на системот капка по капка заедно со примена на добра земјоделска пракса гарантира сигурни успеси.