ПОКАЗНА ВЕЖБА – „СИМУЛАЦИЈА НА ПОВРЕДИ НАСТАНАТИ ОД УПОТРЕБА НА ПЕТАРДИ”
Општина Велес, СВР – Велес и Црвениот крст утре (четврток) со почеток од 12.00 часот на просторот на Амфитеатарот во Младинскиот парк ќе организираат показна вежба на која ќе бидат симулирани повреди настанати од употреба на петарди.
Целна група на оваа показна вежба се учениците од сите основни училишта од градот, а кои ќе присуствуваат на утрешниот настан.
Инаку во пресрет на новогодишните празници, сведоци сме дека значително е зачестена употребата на петарди и други пиротехнички средства. Од таму и потребата за информирање на учениците но и сите граѓани, за начините на превенција и штените последици од употребата на петарди.
Основна цел е подигање на свеста кај граѓаните, особено кај малолетната популација за опасноста од употребата на петарди и други пиротехнички средства, намалување на бројот на повреди од нивната употреба, како и преземање низа превентивни активности насочени кон одржување и подигнување на општото ниво на безбедност.
Согласно статистиката, секоја година од употеба на петарди и други пиротехнички средства, во светот 150 000 лица остануваат трајни инвалиди. 80% од нив се деца, а 4 од 10 повредени деца се на возраст под 15 години.