Регионална конференција посветена на вработувањето

ImageВо рамките на активностите за презентација на Националната стратегија за вработување и Националниот акционен план за вработување, во Општина Велес се одржа Регионална конференција за политика за вработување. На конференцијата на која присуствуваа претставници на локалната самоуправа, Агенцијата за вработување, Сојузот на синдикатите на Македонија и претставници на работодавачите од повеќе градови, Љупчо Мешков, Министер за труд и социјална работа ги претстави стратешките документи и заложбите за решавање на проблемот со невработеноста.

„Министерството ќе се посвети на ова извонредно значајно прашање, а два клучни фактори од кои ќе зависи успехот на Стратегијата се борбата со сивата економија и привлекувањето на инвестиции“, рече Мешков потенцирајќи ги макроекономските показатели и микроекономските елементи на кои се базирани стратешките документи за вработување. Министерот најави и дека во тек е подготовката на Стратегија за борба со сивата економија, како и активности за реализација на Оперативниот план за активни политики за вработување кој во соработка со Агенцијата за вработување овозможува работно ангажирање на лица од повеќе социјални категории.

Од своја страна градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски укажа на катастрофалната состојба со невработеноста во Велес како резултат на колапсот на индустриските капацитети и долгата транзиција. „Декларативните заложби за решавање на проблемот на невработеноста треба да се преточат во реалност за што е неопходно заедничко делување на двете нивоа на власт“, рече Коцевски кој напомена дека Владата треба да ги има во предвид премалите надлежности на општините во областа на локалниот економски развој и да им овозможи да стопанисуваат со градежното земјиште како предуслов за привлекување на странски инвестиции и отворање нови работни места“.

На конференцијата учествуваа и Фолфанг Ондорф, раководител на проектот во рамките на КАРДС Програмата на ЕУ и Стојче Тапанџиевски, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
 
Image  Image
Image  Image