Семејното насилство - проблем на целата заедница

ImageВо организација на Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес и Одделението за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика, во Велес се одржа трибина посветена на проблемот на семејно насилство. Во присуство на претставници на министерството, општината, Центарот за социјални работи, Јавното обвинителство, МВР, граѓанскиот сектор и медиумите, трибината ја отвори претседателот на Советот на Општина Велес, Трајко Бабунски.

„Едно кршење на табу не значи и крај за молкот што за жал најчесто е поврзан со жртвите на семејното насилство. Токму поради различните форми на семејно насилство, возраста и психолошката состојба на жртвите ова претставува комплексен проблем кој не може да се реши со еден приод или активност, туку бара соработка и  широко делување на сите надлежни органи, институции како и  здруженијата на граѓани“, рече меѓу другото Бабунски. Душко Миновски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика укажа на комплексноста на проблемот со зачестената појава на семејно насилство и најави дека на 11-ти и 12-ти септември годинава, Македонија ќе биде домаќин на Регионална конференција посветена на овој проблем на која ќе учествуваат 24 претставници на земјите од регионот.

На трибината на која присутните можеа да ги слушнат и ставовите на Елена Грозданова, раководител на Одделението за еднакви можности при министерството, како и на претставници на Комисијата за еднакви можности при Општина Велес, Основното јавно обвинителство, МВР и Центарот за социјална работа беше укажано на неопходноста од зајакнување на координацијата на надлежните органи и институции, трансформација на Центрите за социјална работа, зајакнување на капацитетите за превенција на семејното насилство и родовиот концепт како и подигање на јавната свест за проблемот на семејно насилство.

Image  Image