Подготовки за одбележувањето 100 години Петре Прличко
Во пресрет на одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на легендата на македонското глумиште на 20-от век, Петре Прличко (13.03.1907 –Велес), градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, оствари средба со академик Томе Серафимовски кој на Велес по повод јубилејот ќе му подари биста на Прличко и проф. Јелена Лужина, театролог, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и автор на Монографијата за Петре Прличко. На средбата на која присуствуваше и директорот на Центарот за култура „ЈХК-Џинот“, Јордан Витанов беа разгледани предлозите за организација на одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Петре Прличко.
Како што беше речено на средбата, во чест на големиот актер, уметниците 2007 година ја прогласија за година на Петре Прличко.
Во рамките на престојот во Велес, академик Томе Серафимовски и проф. Јелена Лужина ја посетија локацијата во Младинскиот парк каде ќе биде откриена бистата на Прличко како и спомен куќите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Касапови.