Специјалитет за хуманост

ImageВо организација на Општина Велес и фондацијата „Фокус“, во Велес се одржа традиционалната манифестација „ Велешка пастрамајлија“. Третото издание на популарната Питијада годинава се одржа во сендвичара и пицерија „Снупи“ која беше донатор на манифестацијата, но не учествуваше во официјалната трка за најдобар пита-мајстор. Граѓаните и овојпат покажаа голем интерес да учествуваат на традиционалната презентација на специјалитетот, кој за велешани е највкусен и најубав токму во Велес. Како што за медиумите изјави градоначалникот Аце Коцевски, наспроти полемиките, велешката пита нема конкуренција во Македонија и претставува израз на минатото на Велес како чорбаџиски град.
 
На третото издание на манифестацијата „Велешка Пастрамајлија, љубителите на овој зимски специјалитет имаа можност за симболична сума да пробаат пити од угостителите и производителите „Жито Вардар“, таверна „Деспина“, „Олимпик Ас“, хотелот „Вила зора“, хотелот „Романтик“,  бурекџилницата „Цеце“ и домаќинот „Снупи“. Сите средства од продажбата на питите и неодминливото вино и годинава беа вложени во хуманоста, овој пат во име на здравјето на четиримесечната Моника Петрушева која ја очекува операција на срце во Република Бугарија.
 
Image  Image
 
Стручното жири кое имаше тешка задача да го одбере најдобриот пита мајстор, годинава се одлучи за таверна Деспина која го освои првото место. Второто место му припадна на „Олимпик Ас“, а третото на хотелот „Вила Зора“. Домаќинот „Снупи“ беше прогласена за најдонатор.

Атмосферата на топлина и срдечност, со музика ја збогати ансамблот „Распеани велешани“. И овојпат манифестацијата посветена на гурманската гордост на Велес, питата пастрамајлија покажа дека дури и вкусот вреди многу повеќе ако е во име на хуманоста. До следната питијада на малечката Моника Петрушева и посакуваме што побрзо да закрепне и догодина и самата да го проба овој велешки специјалитет.
 
Image  Image
Image  Image
Image  Image