Прес (16.02.2007) - Децентрализација во образованието

ImageПоради недоволен трансфер на средства, училиштата во Велес имаат неподмирени обврски за нафта и други огревни материјали за 2006 година во вкупен износ од 4.591.097 денари. Основните училишта имаат долгови кон превозниците ангажирани за превоз на ученици во висина од 2.915.326 денари. Вкупните долгови на училиштата за електрична енергија изнесуваат 616.208 денари, а за водовод и канализација 245.076 денари.

Состојбите со долговите на училиштата на прес конференција ги презентираше градоначалникот Аце Коцевски кој најави дека се очекува проблемот со долговите за превоз на ученици да се реши на крајот на 2007 година, затоа што во трансферот за наменските дотации за 2007 година, средствата за основните училишта се зголемени во поголем процентуален износ во споредба со средните училишта. Тоа нема да биде случај со средните училишта кај кои годинава трансферот на средства е зголемен во многу помал процент.
 
„Се надевам дека Владата на Република Македонија ќе изнајде најсоодветен начин да ги реши овие проблеми бидејќи се од системски карактер. Очигледно е дека формулата за распределба на средства не е соодветна, а вкупната распределба е недоволна за да се покријат потребите на училиштата. Тоа е спротивно на основните принципи на децентрализацијата во која на општините треба да им бидат трансферирани минимум толку средства колку што државата претходно трошела за покривање на овие обврски“, рече Коцевски.
 
Според градоначалникот на Општина Велес, ова може да создаде серизни проблеми  и недоверба од страна на училиштата. Потврда за недовербата е сомнежот во капацитетите на општините за преземање на обврските од втората фаза на процесот на децентрализација што подразбира и исплата на платите и придонесите на вработените во училиштата.

Коцевски смета дека многу мал број на општини ќе бидат во состојба да ги преземат овие обврски, но постои можност со измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, втората фаза на децентрализацијата како пилот општини први да ја започнат општините кои ги исполнуваат условите. Наспроти најавите за пролонгирање на втората фаза на децентрализација за јануари идната година, Коцевски смета дека околу 8 општини меѓу кои и Велес се подготвени да влезат во оваа фаза од процесот на 01. јули годинава.
 
Тој упати апел до сите надлежни органи на државната управа и до Владата на Република Македонија да создадат услови втората фаза од процесот на децентрализација да започне со што помалку контроверзи, незадоволства и притисоци.

„Барањето на Синдикатот одредени надлежности да не преминат на локално ниво е спротивно на реформските процеси во Република Македонија затоа што Македонија би била единствена држава во Европа со недецентрализирано образование“, изјави Коцевски.