Отворено седиштето на националната Асоцијација за архитектонско наследство
„Ја одбравме куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот“ за седиште на Асоцијацијата како симбол на нашите заложби да го заштитиме архитектонското наследство во Македонија“, рече Коцевски. На работната средба на членовите на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство со претставниците на француската Национална Асоцијација, Коцевски ги презентираше досегашните активности за анализа на постојните законски регулативи, можностите за измени на законските решенија во Македонија, проектите и насоките за организација на работата на Асоцијацијата. Искуствата од Франција на присутните им ги пренесоа Марилиз Ортиз, директор на Националната асоцијација на градови и области со уметност и историја и градови со заштитени сектори на Република Франција, Натали Гиоме, директор на Асоцијацијата „Виа патримуан“ од Ангулем и Жаки Кришон, директор за урбанизам во градот Бајон. На работилницата на која беа разгледани состојбите со заштитата на архитектонското наследство, беа презентирани досегашните искуства од билатералната соработка со Република Франција во реализацијата на проекти во Македонија.
Во периодот што следи Македонската Асоцијација во соработка со Управата за заштита на културното наследство, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и Националниот конзерваторски центар ќе работи на изнаоѓање законски решенија и реализација на проекти што ќе придонесат за заштита на архитектонското наследство во локалните заедници. Истовремено ќе се работи и на продлабочување на соработката со Република Франција.
Како што беше речено на работилницата, во Македонија е приритетно да се делува на зајакнување на свеста на граѓаните од најмала возраст за значењето на архитектонското наследство.
Македонската Асоцијација која започна да работи со десетина градови се проширува со уште 20 градови кои пројавија интерес да се вклучат во активностите за заштита на архитектонското наследство.