Во Велес се селектираа ученици за спортската паралелка во фудбал
Денеска на Градскиот фубалски стадион во Велес, стручни лица од Фудбалската Федерација на Македонија, вршеа селекција од 48-те пријавени кандидати за спортската паралелка во фудбал, за учебната 2015/2016 година.
Селекцијата за нови ученици се врши по региони низ цела територија на Република Македонија и се одвива во три фази: скаутирање од стручни лица, селекција од стручен тим и последна фаза, тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.
На денешната селекција, освен ученици од Велес и велешкиот регион се пријавиле и ученици од општините Свети Николе, Кавадарци, Неготино, Струмица, Лозово, Градско, Куманово и Чашка.
Градоначалникот Славчо Чадиев кој од лице место ја следеше селекцијата на пријавените ученици истакна дека е особено задоволен од досегашната работа на спортската паралелка во Велес, како во фудбал така и во ракомет, а според она што го гледа на теренот убеден е и дека во новата учебна година ќе има добра спортска паралелка во градот.
За оваа паралелка во фудбал, од 48-те пријавени кандидати, освен машки се пријавиле и 6 ученици од женскиот пол. Резултатите од селектирањето во Велес ќе бидат објавени на веб-сајтот на ФФМ.