Одбележан меѓународниот ден на музеите 18-ти мај

Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), организираше советување на тема „Музеите за одржливо општество“. Во партнерство со Општината Велес и Здружението Син Штит, а со логистичка и финансиска подршка на Министерството за култура на Република Македонија,програмата на советувањето се одржува во градот на културата Велес.

Во програмата се вклучени и Форум на МНК Син Штит на тема „Локалната самоуправа и заштитата на културните и природните добра во катастрофи предизвикани од човекот и природата“.


„Се чувствувам почестен што музејскета фела од Република Македонија го обележува својот празник 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите токму во нашиот град, во културниот центар на Балканот, во Велес - градот на културата на Република Македонија за 2015 година. Знам дека има многу причини поради кои сите Вас професионално патот Ве води во Велес – комплексот пештерски цркви, сакралното богатство, новооткриениот фреско-живопис во манастирската црква „Св. Димитрија“, архитектонското наследство и гледајќи ја Вашата агенда се радувам што денес ќе видите мал дел од огромната музејска ризница што Македонија ја има во Велес“ – рече градоначалникот Славчо Чадиев

Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) е доброволно, непартиско, невладино, непрофитно и стручно здружение на музејските работници и на граѓаните на Република Македонија.
Во него членуваат музејски стручни лица (вкупно 112) и музеите, а програмите се финансиски подржани од Министерството за култура на Република Македонија.

Во рамки на своите програмски цели и задачи МНК ИКОМ организира предавања, трибини, изложби, промоции и советувања. Советувањата секоја година се подготвуваат на теми предложени од ИКОМ – Париз, и вообичаено се одржуваат во градот на културата во нашата земја.