Одбележана 100 годишнината од раѓањето на Петре Прличко

ImageСо свечена академија насловена „Велес за Прличко“ и откривање на биста на доајенот на македонската театарска уметност, неговиот роден град Велес одбележа 100 години од раѓањето на Прличко. На свечената академија на која покрај истакнатите личности од општествениот живот во Велес, присуствуваа и членови на семејството на Прличко, истакнати актери и ртежисери од Република Македонија, присутните ги поздрави Аце Коцевски градоначалник на Општина Велес кој ја потенцираше улогата на Велес во македонската уметност и култура и  значењето на Прличко во развојот на македонската театарска уметност.
„Незаборавни се театарските и филмските улоги на Прличко, незаборавна е неговата моќ, ретка дарба да се изрази преку говорот на телото и мимиките, да ги извлече чувствата со еден гест, една насмевка. Од Којник до куќата на тркала наречена „Боем“, Петре Прличко израсна во симбол на сето она што значи македонскиот театар. Во себе го носеше најсилниот израз на македонскиот менталитет, а сепак беше еден и единствен во изразот и начинот на комуникација со публиката. Верувам дека неговата моќ да го анимира гледачот со сите сетила, да го внесе во театарската реалност е причината што и ден денес велешани се една од најверните театарски публики во Македонија и пошироко“, рече меѓу другото Коцевски.
 
Image  Image

Во име на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, на свеченоста говореше Јордан Витанов, директор на велешкиот театар кој евоцираше спомени од заедничката работа со Прличко.“ Не смееме да заборавиме што значи Петре Прличко за македонскиот театар“, рече Витанов, кој предложи реализација на театарска работилница на која ќе се утврди и воспостави систем на тетарска игра по примерот на професионалниот приод на Прличко. За театарските улоги на последниот македонски скомрах говореше д-р Јелена Лужина, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје:  „250 театарски рољи, повеќе од 100 драмски режии, 33 улоги во долгометражни играни филмови, 17 режии на куклени претстави, 6 авторски драмски текста, 11 драматизации, 20 тв проекти, неброени настапи на радио“ беа само дел од фактите за импресивниот професионален живот на Петре Прличко на театарската сцена во Македонија, што Лужина им ги презентираше на присутните нагласувајќи дека „ниту најсовремените компјутери не би можеле да го издржат тој притисок“.

За филмските улоги на Прличко и неговото значење за македонската кинематографија говореше Илинденка Петрушева, филмолог, есеист, критичар и една од основачите на Кинотека на Македонија. „Тешко е во еден вака стегнат временски простор да се каже се за еден мајстор кој знае да разговара со филмската камера“, потенцираше Петрушева која за најславната филмска улога на Прличко, Манданата во филмот „Мис Стон“ ќе рече: „Без остаток е сознанието дека архетипското во филмот најнапред се појавува низ ликот на Манданата, низ чии човечки карактеристики се осветлува националното битие“. Свечената академија беше збогатена со колаж на аудио и видео записи од  животот на Прличко и филмските улоги што ни ги остави за паметење.
 
Image  Image

Во чест на доајенот на македонскиот театар, во Младинскиот парк во Велес, свечено беше откриена биста на Петре Прличко, дело на академик Томе Серафимовски, чие поставување го овозможија донаторите АД „Фершпед“ и „Македонија турист“ АД. Бистата ја открија градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски и авторот академик Томе Серафимовски. Пред бистата на Прличко за неговиот огромен придонес за развојот на македонската театарска уметност говореше Иван Ивановски, писател и театролог.
 
Image  Image