Ново романско пријателство – Делегација на Велес во Хунедоара
На покана на Градоначалникот на Хунедоара Виорел Арион, од 23 до 27 јули годинава Гррадоначалникот на Општина Велес м-р Славчо Чадиев престојуваше во Хунедоара, во регионот Трансилванија, Република Романија. По повод деновите на градот Хунедоара, градоначалникот Чадиев оствари средба со градоначалникот Арион и членови на советот на Општина Хунедоара на која беа разменети мислења околу можностите за понатамошна заедничка соработка.
„Со оглед на сличното индустриско минато и посветеноста на културниот и економскиот развој, верувам дека во иднина ќе имаме можности за успешна соработка во многу полиња, со фокус на локалната економија.” – рече на средбата градоначалникот Чадиев. Двајцата градоначалници ги потенцираа индустриските зони, локалниот економски развој, развојот на туризмот и културната размена како приоритетни точки на соработка. Особен интерес кај романските партнери предизвика динамичниот развој на индустриски зони во Велес како поттик за локалната економија и социјалниот живот. Во рамките на престојот беа разгледани можностите за вмрежување на планот на заедничката подготовка на проекти финансирани од фондовите на ЕУ и поврзување на локалните установи. При посетата, делегацијата на Општина Велес имаше можност да се запознае со туристичките капацитети на Хунедоара: езерото Чинчиш и замокот Корвин како и сакрални објекти кои потекнуваат од 14-от век.