На 22 и 23 AВГУСТ КЕ СЕ ОДРЖИ 2-РИОТ „ВЕЛЕШКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН”
На велешкото езеро „Младост“ годинава ќе се одржи вториот „Велешки пливачки маратон”. Трката е планирана за викендот на 22 и 23 август.
Денес од страна на градоначалникот Славчо Чадиев и членовите на Организациониот одбор Иле Попов и Роберт Папазов, во јавноста беше најавена претстојната манифестација. Од нивна страна беше истакнато огромно задоволство што се продолжува со овој настан, по минатогодишната успешна реализација на 1-виот „Велешки пливачки маратон” и одличните резултати кои беа постигнати.
Првиот ден, во Саботата на 22 август, ќе се плива рекреативниот пливачки маратон на кој може да се пријават учесници кои не се членови на пливачки клубови и се рекреативци. Вториот ден, во Недела на 23 август, ќе се плива македонскиот куп во далечинско пливање на кој учесници можат да бидат само членови на пливачки клубови.
Од страна на Организациониот одбор беше упатен и апел до сите оние кои што се заинтересирани, било рекреативци или професионални пливачи да се пријават за учество на 2-риот „Велешки пливачки маратон” и да бидат дел од оваа несекојдневна спортска манифестација. Пријавувањето може да се изврши на Официјалната фејсбук страница на маратонот.
Општина Велес како покровител на оваа манифестација даде максимална поддршка, се со единствена цел истата да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година. За таа цел во Програмата за спорт на општината за 2015 година, „Велешкиот пливачки маратон” беше издвоен како посебна спортска манифестација.
Спорет градоначалникот Чадиев, успешната реализација на овогодинешниот пливачки маратон ќе ја потврди сериозноста и решителноста на Локалната самоуправа во намерата за развој на пливањето како еден од индивидуалните спортови во кој нашите натпреварувачи постигнуваат одлични резултати.
Дополнително, тоа што Пливачкиот маратон се одржува на Езерото „Младост” оди и во прилог на промовирање на оваа локација во туристичко-рекреативна дестинација за вљубениците во сите спортови на вода но и за рекреативците и љубителите на природата.