Работна посета на Државниот секретар за образование

ImageПеро Стојановски, Државен секретар за образование и Љупчо Спасовски, раководител на Секторот за образование при ресорното министерство, престојуваа во целодневна работна посета на Општина Велес. Во рамките на посетата тие остварија средба со градоначалникот Аце Коцевски како и работна средба со директорите на основните и средните училишта, претставници на Бирото за развој на образованието и сите институции на локално ниво кои имаат допирни точки со образовната сфера.

 

Присутните на средбата имаа можност отворено да ги изнесат сите проблеми со кои се соочуваат во рамките на воспитно-образовната работа во процесот на децентрализација. Како што на прес конференцијата изјави Државниот секретар Стојановски во пресрет на втората фаза на децентрализација комуникацијата со локалната самоуправа е од големо значење затоа што преку комуникацијата можат да се избегнат тензични ситуации и да се добијат изворни информации за состојбите во образованието. „Во пресрет на втората фаза на децентрализација, министерството размислува за извесни измени на досегашните практики и методологии, со цел да не ја доведеме локалната самоуправа во ситуација да има проблеми со образованието како суштествена сфера во која нема простор за импровизации“, рече меѓу другото Стојановски.


Image Image


Според градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски пред стартот на втората фаза на децентрализација  неопходно е да се решат најгорливите проблеми на општините во образовната сфера, пред се несоодветната формула за распределба на средства во училиштата во урбаните и руралните средини, што резултира со долгови на училиштата за користење на услуги за превоз и за нафта.
„Министерството треба да се избори да се издвојат онолку средства колку што е неопходно потребно“, рече меѓу другото Коцевски.

Во рамките на посетата на Велес, Стојановски и Спасовски имаа можност на лице место да ги видат условите за настава во Основните училишта  „Васил Главинов“ и „Благој Кирков“ и средните училишта гимназија „Кочо Рацин“ и „Димитрија Чуповски“ како и да ја посетат локацијата на изградба на основно училиште во Горно Оризари.

Во рамките на посетата Државниот секретар за образование и раководителот на Секторот за образование со градоначалникот Коцевски одржаа трибина на тема „Децентрализација и образовните процеси“.