Делото на Крсте Петков Мисирков претставено во Велес
Коолосалниот интелект, култните дела и непорекливата посветеност на еден од врвните македонски преродбеници, мислители, филолози Крсте Петков Мисирков за велешани беше како повторно будење на најголемите човечки, историски и пред се културни придобивки на Македонија. Во организација на фондацијата „Рамковски“ и Општина Велес, претставувањето на делото на Мисирков пред преполната сала на општината помина во знакот на повторното осознавање на човекот со зачудувачки интелект и лингвистички способности, еден од најголемите борци за македонскиот национален идентитет кој својата битка ја биеше преку научната мисла, далеку од татковината.
Во рамките на вечерта посветена на Мисирков, Георги Барбаровски, претседател на фондацијата Рамковски говореше за историските околности, бранувањата и војните на Балканот,македонското национално прашање и делувањето на македонската интелигенција чиј претставник во тие бурни времиња беше Крсте Петков Мисирков.
Во име на граѓаните на Општина Велес, присутните ги поздрави градоначалникот Аце Коцевски кој го потенцираше придонесот на Велес и неговите великани во развојот на македонската интелектуална и револуционерна авангарда која во историскиот континуитет и се посвети на македонската национална кауза. „Велес се гордее со карактерните црти на македонското во себе и оттука, мислата на Крсте Петков Мисирков ни е уште позначајна“, рече меѓу другото Коцевски укажувајќи дека Мисирков и неговиот современик, Димитрија Чуповски имаа храброст и доблест во името на цела една нација да делуваат и творат за Македонија, надвор од татковината,да се соочат со сите можни притисоци и пак да останат најгласни и најдостоинствени во желбата за афирмација и признавање на татковината. Вечерта посветена на Мисирков беше збогатена со презентација на извадоци од неговите дела во интерпретација на актерот Славко Нинов и документарен филм посветен на животот и делото на Мисирков.
Со пораката „Мисирков се врати дома , во Македонија“ присутните граѓани имаа можност изворно да слушнат многу информации и податоци кои досега и биеа блиски единствено на македонската научна мисла.
Во знак за благодарност за можноста велешнаи одблизу да се запознаат со Македонецот на 20-от век, Крсте Петков Мисирков, градоначалникот Аце Коцевски на основачот на фондацијата, Велија Рамковски му подари уметничко дело.