Замина писателот Тихо Најдовски

ImageСо комеморација во големата сала на Општина Велес, членовите на семејството, пријателите и љубителите на пишаниот збор се простија од велешкиот поет и писател Тихо Најдовски кој почина на 25 април, во 74-та година од животот. Во име на Општина Велес, на комеморативната седница, последниот поздрав на човекот кој му даде личен печат на културниот живот во Велес го упати Трајко Бабунски, претседател на Советот на Општина Велес.

„За неговата улога и значење во литературата ќе говорат неговите колеги. Јас од името на градоначалникот и Советот на Општина Велес и од името на граѓаните, му благодарам на Најдовски што со својата упорност, настојчивост и беспоштедно ангажирање придонесе Велес да го задржи приматот поетски град и да го прослави и пренесе името и делото на Кочо Рацин низ Балканските простори“, рече Бабунски.

Од името на писателите, последниот поздрав до Најдовски го упати Македонска Јанчевска. „ За жал мора да ја прифатиме болната реалност дека нема бесконечен живот, но затоа пак некои луѓе имаат ѕвезда да бидат паметени многу подолго од нивниот живот. Ќе го паметиме Тихо таков каков што беше, едноставен, скромен, исполнет со творечки копнеж, со филозовска мудрост и човечка добрина, целосно посветен на литературата“, рече Јанчевска.

Во својот богат творечки опус Тихо Најдовски остави зад себе голем број литературни дела меѓу кои предничи поезијата и книгите за деца и млади. Од 1969 година беше член на Друштвото на писатели на Македонија и е еден од основачите на меѓународната културна манифестација „Рацинови Средби“. Автор е на книгите раскази„Малечка присутност“, „Трепетлика“,„Јасминка“ „Солзи“, романот „Олеандровиот цвет“, „Увил“, „Меѓа“, „Студена Зона“ (поезија) и многу други.

Тихо Најдовски ќе остане запаметен како човек што себе си и своето творештво ги вгради во културниот бит на Велес.

На Комеморативната седница, беше отворена книга на жалост во која присутните ги уптија своите последни мисли до истакнатиот велешки писател Тихо Најдовски.

Тихо Најдовски со уште неколку свои истомисленици во 1963 година ги основаше Рациновите средби - литературна манифестација која заедно со Струшките вечери на поезијата и манифестацијата Охридско лето го чини културното јадро на Македонија преку кое не препознава светот.

Image  Image