Караслари доби повеќенаменско спортско игралиште
Премиерот Никола Груевски, директорот на АМС Марјан Спасески, градоначалникот на Велес Славчо Чадиев денеска го пуштија во употреба повеќенаменското спортско игралиште во селото Караслари. Ова е 53. повеќенаменско спортско игралиште дел од проектот на Владата, а реализиран преку АМС за изградба на 100 вакви игралишта низ целата држава.
- Во Македонија секако може да се согласиме дека има голем број спортски таленти, но мораме да се согласиме дека и во минатото воопшто не се граделе спортски терени. Посебно тоа е случај за помалите места низ Македонија како што е Караслари каде ниту една претходна Влада не обрнала внимание на проблемот со недостиг на спортски терени, рече Груевски.
Имајќи ја предвид оваа состојба, како што нагласи која не беше случај само во Караслари, туку и во други места низ Македонија ние како Влада решивме да ги промениме таквите состојби. Почнавме со крупни проекти за изградба на спортски објекти насекаде низ државата со цел што побрзо и што повеќе да надоместиме од она што било пропуштено во минатото.
- Ветивме дека ќе градиме секаде низ Македонија и постојано работиме на ветеното. За разлика од некои претходни влади ние не го заборавивме и Караслари. Денешниот ден е потврда на нашите заложби. Ова е првото повеќенаменско спортско игралиште во Караслари, истакна Груевски.
Игралиштето нуди можност да се игра фудбал, кошарка и ракомет по сите меѓународни стандарди. Има осветлување за да може да се користи и во вечерните часови, а целокупната инвестиција изнесува околу осум милиони денари. Покрај изградбата на ова игралиште во наредниот период со помош на Општината и градоначалникот ќе се гради и ново фудбалско игралиште за сметка на старото игралиште на кое денес е изградена фабриката Маркарт.
- Знам дека имавте проблеми и затоа се изгради новата трафостаницата за водоводот, новиот резервоар и двата нови бунари со кои проблемите се веќе надминати. Сите овие проекти се доказ дека постојано се трудиме и вложуваме напори за подобрување на животот на населението и во помалите места, а не само во големите градови , потенцира Груевски.
Директорот Спасески информира дека досега одлично се реализира проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Осум се во фаза на градба кои ќе бидат целосно завршени и ставени во функција наскоро.