Средба со сопствениците на социјалните станови

Image„Вашите барања ги упатувате на погрешна адреса“ им порача градоначалникот Аце Коцевски на сопствениците на социјалните станови во населбата „Тунел“ кои побараа одговорност од општината за пролонгирањето на нивното вселување. Со желба да ја поддржи оваа група на граѓани кои 5 години чекаат покрив над главата, градоначалникот Аце Коцевски и директорот на ЈП за стопанисување со стамбен и деловен простор-Велес, Љупчо Ѓоргиевски остварија средба со 40-на лица револтирани од пролонгирањето на проектот.
На средбата, сопствениците на социјалните станови потенцираа дека Министерството за транспорт и врски ги известило дека нивното вселување ќе зависи од ажурноста на општината.

„Некоректно е централната власт на ваков начин да се однесува со општините“, рече градоначалникот Коцевски потенцирајќи  дека власта и администрацијата на сите нивоа во државата треба да бидат искрени и да им ја предочат вистината на своите граѓани, а не со дописи  да ја префрлаат одговорноста таму каде што ја нема.

ImageУкажувајќи на фактичката состојба со трите  стамбени згради чија изградба како проект на Владата на Република Македонија  започна во 2002 година со финансиска поддршка  од Советот на Европа, градоначалникот Коцевски укажа дека за да може општината да ги заврши своите обврски и надлежности за поставување на приклучок на канализациона мрежа, неопходно е Јавното претпријатие  за стопанисување со стамбен и деловен простор да го заврши проектот за партерно уредување на паркиралиштата и просторот околу зградите.
Одговорноста и надлежноста на Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор ја потврди и директорот Љупчо Ѓоргиевски кој ги покани сопствениците на социјалните станови комуникацијата да ја продолжат со Јавното претпријатие.

Воедно Ѓоргиевски укажа дека друг проблем кој би можел да го пролонгира вселувањето освен партерното уредување е потребата за дислокација на трафостаницата која зависи од надлежните државни органи и ЕСМ ЕВН. Со разбирање за проблемите со кои секојдневно се соочуваат сопствениците на социјалните станови, градоначалникот Коцесвки изрази подготвеност да учествува во комуникацијата со надлежните државни органи и да им даде отворена поддршка на овие граѓани во нивното барање за што побрзо вселување. Во рамките на проектот чија реализација трае веќе 5 години се изградени 3 стамбени згради со вкупно 144 станови.