Нови дисперзирани студии во Велес

ImageТехничкиот факултет од Битола на седница на Наставно научниот совет  донесе одлука за отворање на дисперзирани студии во Велес на две насоки од факултетот за следната учебна година од отсек за информатика и компјутерска техника. Оваа информација пред претставниците на електронските и печатените медиуми ја соопшти градоначалникот Аце Коцевски кој напомена дека станува збор за студии  по техничка информатика (3 годишни студии согласно Болоњската декларација што значи дека со 5 години се добива магистратура, а со 3 години образование одVII/1 степен) и студии за сообраќај и транспорт.

Како што рече Коцевски, ова значи дека идејата за проширување на високото образование во Велес ќе се реализира од оваа учебна година. Ќе се реализира И Одлуката за дислокација на училиштето „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“ во зградата на училиштето „Благој Кирков“. „Ова е од огромно значење за нашата општина затоа што ќе овозможиме Велес да се разџвива во друг смисол, а учениците од посиромашните семејства ќе имаат можност да студираат во Велес со што ќе се спречи и одливот на талентирани ученици и студенти во странство“, изјави Коцевски. На средбата, тој ги информираше новинарите дека во  тек се и контактите со Черновицкиот национален Универзитет од Украина и ФОН Универзитетот, но  засега е сигурно отворањето на студиите од Техничкиот факултет од Битола.

Во анкетата што Општина Велес ја спроведе со цел да направаи проценка на интересот на учениците за овој вид студии,од вкупниот број анкетирани средношколци од Велес 180 пројавиле интерес да студираат информатика од кои 111 дури и под услов да не бидат примени во државната квота. Државната квота изнесува 200 евра, а другата 400 што е поевтино во сшпоредба со тн приватна квота на Универзитетот во Скопје.

Развојот на високото образование во Велес претставува значаен поттик и за интензивирање на локалниот економски развој. Се очекува на конкурсот за запишување на студенти во претстојната студиска година,  што наскоро ќе го објави Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола да бидат вклучени и дисперзираните студии во Велес.