СВЕЧЕНО Е ЗАТВОРЕН ПРОЕКТОТ „ВЕЛЕС – ГРАД НА КУЛТУРАТА ЗА 2015 ГОДИНА

Вечерва во Народниот театар „ЈХК Џинот” свечено беше затворен проектот „Велес – Град на културата за 2015 година”. Во овој велелепен храм на уметноста на 18-ти јануари стартуваше проектот од национален интерес – „Велес - Град на културата". Цела година Велес беше дом на врвни уметници од сите области – ликовната, музичката уметност, книжевноста, фолклорот, филмот, модерниот танц.

На затворањето на проектот се обрати и градоначалникот Славчо Чадиев кој изрази особена благодарност до сите оние кои направија проектот да биде еден од најуспешните во изминативе 12 години колку што е востановен од Министерството за култура.

-„Искажувам особена благодарност до министерката за култура г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и до Комисијата во Министерството за култура што во проектот на Општина Велес го препозна потенцијалот и капацитетот за реализација на еден вака значаен и обемен проект. Кога зборувам за капацитет мислам како на просторен, така и на кадровски затоа што буклвално сите институции и локални и национални, сите граѓански организации, сите слободни уметници се заслужни за успешноста на проектот Велес град на културата. Несомнено е дека улогата на театарот Џинот во реализација на проектот е најзначајна. Најголем дел од настаните што се реализираа во затворен простор – театарски претстави, балет, танци, концерти се одржаа токму во зградата на театарот, за што упатувам благодарност до менаџерскиот тим на театарот, сценските работници и техниката.” – рече градоначалникот Чадиев.

Заклучно со последната театарска претстава што ќе се одигра утре, на 30.12.2015 година реализирани се вкупно 188 културни настани. Реализирани се рекордни 42 театарски претстави, 25 изложби, 23 традиционални манифестации, 30 промоции на книги, 43 музички концерти, 9 филмски проекции, 5 меѓународни манифестации, 6 фолклорни концерти, 3 претстави за деца, 2 концерта за деца. На оваа бројка треба да се додадат:10 театарски претстави од ИФАД „Стоби“, 5 фестивалски вечери на Фолклорниот фестивал, 5 филмски проекции на Денови на Германски филм, тетарските перформанси на Импакт фестивалот, концерт и филмска проекција во рамки на Рациновите средби, проекција 44 аматерски филмови во 5 категории или во 250 наврати во 2015 година велешани уживале во уметничкиот израз на повеќе од 5.000 уметници. Со математички речник од 7 дена во неделата во 5 во Велес имало културен настан.

Проектот во Министерството за култура беше одобрен со 94 културни манифестации што требаше да се реализираат со 2.900.000 денара средства од кои 2.000.000 од Министерството за култура и 900.000 од Буџетот на Општина Велес. Проектот официјално се затвора со реализирани 188 културни настани и финансиска конструкција од 2.500.000 денари.

Со завршувањето на проектот „Велес - Град на културата”, целта е постигната. Велес беше мегран на домашната и странската уметничка елита. Но тоа ќе остане и во иднина. Неговата ризница останува на показ на јавноста уште побогата и уште по вредна зошто ја градат нови, млади уметници кои умеат да го ценат постојното богатство, да му дадат свој белег и да го афирмираат пред светот достојно и својот град, и својата држава и себеси. Завесата на театарот ќе остане подигната, зошто Велес останува засекогаш град на културата во Република Македонија.