Помошникот генерален секретар на Обединетите нации го посети Велес

ImageСо желба на лице место да се запознае со можностите на децентрализацијата и проектните активности на Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, Кори Удовички,  Помошник генерален секретар на Обединетите нации и Регионален директор за земјите од централна и источна Европа престојуваше во работна посета на Општина Велес. Во рамките на посетата, Удовички оствари средба со градоначалникот Аце Коцевски на која беа разменети мислења околу клучните прашања во процесот на децентрализација и досегашниот придонес на УНДП за развој на Општина Велес.

Градоначалникот Коцевски ги презентираше сите досегашни проекти со кои Програмата за развој на Обединетите Нации –УНДП ја поддржа Општина Велес на патот на нејзината трансформација во сервис на граѓаните. Особено внимание беше посветено на развојот на информатичката технологија, зајакнувањето на административните капацитети, новиот образовен концепт и фискалните аспекти на реформата во локалната самоуправа.

На прес конференцијата организирана во рамките на посетата, Помошникот генерален секретар на Обединетите нации, Кори Удовички изрази задоволство од посетата и степенот на развој на Општина Велес. „Сигурна сум дека во иднина Велес не само што ќе добива техничка помош од УНДП, туку и ќе стане вистински партнер во пренесувањето на добрите практики на општините насекаде во земјата“, рече меѓу другото Удовички.
 
На средбата со новинарите, градоначалникот Коцевски, во името на сите граѓани на Велес упати јавна благодарност за поддршката што на патот на реформите Општина Велес ја добива од УНДП.
 
Image Image