Втората фаза на децентрализација клучна за развојот на европски општини
Во рамките на третата сесија на Школата за политика што во организација на Советот на Европа и Европската Комисија се одржа во Велес, пред четириестетина учесници на школата градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски одржа предавање на тема „Европска општина“.
Потенцирајќи ги клучните аспекти од усогласувањето на развојните политики на општините во Македонија со европските стандарди, Коцевски го презентираше примерот на Велес со фокус на зајакнувањето на капацитетите на администрацијата, имплементацијата на информатичката технологија и вклучувањето на НВО и бизнис секторот во процесите на одлучување, стратешкото планирање и имплементацијата на проекти во прилог на интересите на сите граѓани. Потенцирајќи дека трансформацијата на општините во вистински сервис на граѓаните е од суштинско значење за постигнувањето на европските стандарди за работата на локалната самоуправа, Коцевски укажа на значењето на функционирањето на едношалтерскиот систем кој во Општина Велес со поддршка од УСАИД работи од ноември 2006 година. Во рамките на предавањето тој ги пренесе неговите препораки прифатени од ЗЕЛС за неопходните интервенции на Владата на Република Македонија за успех на клучната втора фаза од процесот на децентрализација.