Отворени Малите олимписки игри 2007

ImageСо спектакуларна програма насловена „Велешка приказна“, 190 ученици од сите општински основни училишта го означија отворањето на петтите по ред Мали Олимписки игри. Во рамките на програмата која ги одушеви сите присутни, низ кореографија, костими и извонреден сценски настап на младите учесници беа претставени најзначајните знаменитости на Велес, неговите природни убавини, културно и етнолошко наследство и неговата креативна енергија.

 

„Велешката приказна кулминираше со најсвечениот момент, палењето на олимпискиот пламен кој вчеравечер духот на светскиот олимпизам го донесе во Велес. Во рамките на свеченоста присутните ги поздрави Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование кој изрази задоволство од посветеноста на сите учесници во организацијата на Малите олимписки игри. Воедно тој ја потенцираше ориентацијата на Владата на Република Македонија кон зајакнување на капацитетите во областа на спортот. „Она што Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука заедно со единиците на локална самоуправа го прават на полето на спортот со изградбата на нови спортски сали е во насока на подигнување на квалитетот на здравиот живот“, рече меѓу другото Стојановски.

Александар Туфекчиевски, претседател на Федерацијата на училишен спорт на Република Македонија, во своето обраќање ги потенцираше најзначајните придобивки од развојот на олимпизмот и спортот воопшто и упати порака дека „Учениците сакаат да спортуваат, а сите надлежни во државата треба да им го овозможат тоа“.

ImageПеттото издание на Малите олимписки игри го отвори градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој изрази задоволство и чест што Велес е избран да биде домаќин на оваа значајна и најмасовна спортска манифестација во 2007 година. „Вашето масовно присуство е потврда на најголемата цел на олимпизмот: да гради разбирање меѓу народите. Во тој дух вечерва во Велес гори олимпискиот пламен. Преку вашата радост, преку вашата сериозна посветеност на спортот, Македонија има на што да се надева и зошто да сонува подобра и поубава иднина“ им порача Коцевски на учесниците. Тој упати благодарност до Министерството за образование и наука,  Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија,Федерацијата на училишен спорт на Македонија,Сојузот на Спортски Федерации на Република Македонија, Македонскиот олимписки комитет, Советот на Општина Велес, Сојузот на училишен спорт-Велес, спонзорите, медиумите, општинските училишта и сите поединци кои го овозможија одржувањето на Малите олимпски игри, а особено граѓаните на Велес кои ги отворија своите домови за нашите мали спортисти и кои покажаа дека велешани со право се познати како љубезни домаќини. 800 учесници на Малите олимписки игри се натпреваруваат во колективните спортови мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка во машка и женска конкуренција како и во атлетика.

Image  Image

Image  Image