Рациново признание за писателот Коле Чашуле
Со овие зборови истакнатиот македонски писател, романсиер, драмски писател, публицист, дипломат, еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија и Рациновите средби, Коле Чашуле се заблагодари за Рациновото признание за 2007 година.
На прес конференцијата посветена на претстојното 44 издание на манифестацијата „Рацинови средби“, одлуката на Жири комисијата за доделување на наградата „Рациново признание“ на истакнатиот македонски писател Коле Чашуле за делото „Патот од себе си“ во издание на „Слово“, ја соопшти Петре Бакевски, член на Комисијата. „Од пристигнатите 18 прозни остварувања, објавени помеѓу две манифестации, најновото прозно остварување на Коле Чашуле се издвојува со изразити специфики и вредности кои го збогатуваат неговиот богат книжевен опус. „Патот од себе си“ претставува еден вид есеизирана авторефлексија низ која писателот соопштува важни вистини за едно трауматично време на освојување на слободата и нејзино дефинирање во општеството потоа“.
Од името на градот Велес , на годинешниот добитник на престижното „Рациново признание“ му честиташе градоначалникот Аце Коцевски кој изрази особена чест и задоволство што еден од великаните на македонската литература годинава е добитник на Рациновото признание.
“„Вејка на ветрот“ , „Црнила“, „Бразда“ , „Простум“ „Партитура за еден Мирон“, се само мал дел од огромното литературно богатство што овој истакнат македонски писател и почесен член на Македонската Академија на науките и уметностите досега и ги подари на Македонија. Радува сознанието дека Чашуле беше еден од претставниците на македонската интелектуална авангарда што во студентските денови во 39 година, во кројачкиот дуќан на прилепчанецот Коста Циривири ја имаше првата средба со испечатените „Бели Мугри“ на Рацин “, рече меѓу другото Коцевски. Пред новинарите тој ја презентираше и програмата на манифестацијата „Рацинови средби“ која ќе се одржи на 8-ми јуни годинава.
Од име на организациониот одбор на манифестацијата „Рацинови средби“ на писателот Коле Чашуле му честиташе Трајко Бабунски претседател на Организациониот одбор. Бабунски ја соопшти одлуката на Организациониот одбор со која годинава Почесното Рациново признание му се доделува на д-р. Мирољуб Стојановиќ, истакнат книжевник и преведувач од Ниш, Република Србија за неговата афирмација и презентација на македонската култура надвор од Македонија.