Термоизолациони фасади во градинката „Димче Мирчев“
Со поддршка на Европската Унија Општина Велес започнa со реализација на најзначајната активност од проектот „Енерџинет“ ,изградбата на термоизолациони фасади во 5 објекти од градинката „Димче Мирчев“.
Како што изјави градоначалникот м-р Славчо Чадиев, вкупната висина на оваа инвестиција е 66.000 евра и ќе ги опфати клоновите 2,3,4,5 и 6.
„ Во рамките на проектот „Енерџинет“ деновиве работиме и на постапка за изработка на елаборат и за клонот 1 лоциран во населбата „Дворови“ каде исто така планираме да поставиме термоизолациона фасада и да ги заокружиме сите 6 објекти на градинката“, рече Градоначалникот.
Изведбата на објектите ќе ја врши фирмата „Изгрев Инжинеринг“, а согласно склучениот договор работите на петте објекти треба да бидат завршени во рок од 3 месеци. Ќе се постави термоизолација на вкупна површина од 2826 метри за сите 5 објекти.
Според Анида Цецева, директорка на ОЈУДГ „Димче Мирчев“, овој проект е од големо значење за градинката затоа што објектите не само што ќе добијат нов изглед, туку и ќе бидат енергетски ефикасни, туку и ќе се заштедат средства кои подоцна ќе се вложат во нови проекти.
На македонска страна Проектот „Енерџинет“ е поддржан од ЕУ со средства во висина од 227.192 евра (за општините Велес и Прилеп). Учеството на општината е 15%, средства кои по завршување на проектот ќе бидат рефундирани од страна на Министерството за локална самоуправа. Велес и Прилеп се македонските партнери во проектот, а од грчка страна се вклучени три општини (Лерин, Ираклиа и Визалтија).