Прес конференција на градоначалникот Аце Коцевски

ImageПо одлуката за отворање на дисперзирани студии на две насоки во Велес од следната учебна година, Техничкиот факултет од Битола го објави конкурсот за запишување студенти во учебната 2007/2008 осма година во кој се вклучени и дисперзирани студии во Велес. Ова на прес конференција го соопшти градоначалникот Аце Коцевски кој изрази задоволство од реализацијата на идејата Велес да прерасне во универзитетски град.

Како што соопшти градоначалникот во објавениот конкурс во кој не е разграничен бројот на студенти кои можат да се запишат во Битола и во Велес, на Отсекот за сообраќај и транспорт можат да се запишат 149 студенти  во државната квота со надоместок од 200 евра  и 230 студенти со кофинансирање од 500 евра. На оваа насока 70 студенти можат да се запишат како  вонредни. На Отсекот за информатика и компјутерска техника во државна квота можат да се запишат 65 студенти, 230 студенти со кофинансирање и 70 вонредни. На Факултетот за туризам и организациони науки во државна квота со надоместок од  200 евра    можат да се запишат 175 студенти а со кофинансирање од 600 евра исто така 175 студенти.

На редовната прес конференција, Коцевски ги извести новинарите за тековната реализација на Проект за времено вработување на долгорочно невработени лица за вршење на јавни работи. „Партнери се Агенцијата за вработување и Општина Велес. Проектот официјално стартува на 15 јуни. Со него ќе бидат времено ангажирани 40 лица за период од 3 месеци за што од Агенцијата за вработување ќе добиваат наадомест од 6000 денари. Проектот има три главни цели: расчистување и обновување на јавните зелени површини во градот, санирање и обновување на урбаната опрема и уредување на крајбрежниот појас на езерото Младост.
Вториот проект што Општина Велес го реализира во соработка со Агенцијата за вработување е реконструкција на објект и уредување на јавни површини во рурален центар, во село Иванковци. За реконструкција на објект во селото Иванковци сопственост на Општина Велес, во период од 4 месеци ќе бидат ангажирани 5 лица за, жители на Иванковци. Со него ќе се обезбедат повеќе од 90 м функционален простор за потребите на жителите на селото. Во објектот ќе се обезбеди и простор за отворање на истурена канцеларија на Општина Велес со бесплатен пристап до Интернет, нешто слично  како канцеларијата што одлично функционира во Горно Оризари“, рече Коцевски.

Градоначалникот ги извести новинарите и за низа реализирани активности за санација на градскиот базен со цел да им се овозможи на граѓаните на Велес во соодветни услови да се рекреираат во текот на летната сезона. За санација на базенот општината вложи средства во висина од 480.000 денари.