Гемиџиите по 18-ти пат запловија по Вардар

Учесниците на 18-та „Вардарска регата Гемиџии“ утрово тргнаа кон Гевгелија. Пред тоа сите учесници и присутни делегации оддадоа почит со положување на цвеке на Гемиџиите пред нивниот споменик на брегот на Вардар. На манифестацијата присуствуваа претставници од АРМ и СВР-Велес и од повеќе велешки организации.
Општина Велес на оваа манифестација гледа со посебен респект затоа што го обединува целиот град. Спортистите, здруженијата на граѓани, стопанските субјекти, културните работници и ентузијастите.

Гемиите и гемиџиите ги испишаа најубавите страници на историјата на Велес и Македонија, одбележувајќи го периодот кога градот го доживеа својот најголем духовен, образовен и стопански подем во средината на 19 век. Гемијата и гемиџиите станаа светла страница на велешката историја и традиција.
Денес, во 21 век, по 18 пат велешките гемии и гемиџиите тргнуваат на југ по реката Вардар, овој пат само до Гевгелија, со надеж дека во скора иднина водите на реката Вардар ќе ги носат и до Солун.
Велес останува град на младите, кои ја сакаат неговата историја и ги продолжат вековните традиции.
И како и предходните неколку години и оваа има меѓународен карактер со учество на екипи од Република Србија и Република Црна Гора.