Презентиран Етичкиот кодекс на локалните функционери

ImageВо присуство на членовите на Советот на Општина Велес, претставници на медиумите, здруженија на граѓани, урбани и месни заедници од општините  Велес, Чашка и Лозово, Програмата за  развој на Обединетите Нации го презентираше Етичкиот кодекс на локалните функционери во Република Македонија. Со содржината на кодексот присутните ги запознаа Фатмир Муса, координатор на проектот „Борба против корупцијата за подобро управување при УНДП“ и Зоран Јачев, консултант, учесник во реализацијата на проектот.

Презентирајќи го начинот на креирање на овој значаен документ, Фатмир Муса потенцираше дека Програмата за развој на Обединетите Нации - УНДП и ЗЕЛС  го подготвија документот  во рамките на проектот „Борба против корупцијата за подобро управување“. „Во подготовката на документот  активно учествуваа градоначалници и други локални функционери од над 40 општини во Република Македонија. Етичкиот кодекс на локалните функционери во Република Македонија содржи 34 члена со кои се уредува моралната и етичка димензија во работата на функционерите на локално ниво“.

„Луѓето на локално ниво се повеќе се интересираат како функционира локалната самоуправа и како работат локалните функционери, етички или не. Затоа е неопходно тие да бидат еснаф луѓе што во име на граѓаните одговорно ќе управуваат со локалната заедница“, рече Зоран Јачев кој ја презентираше содржината на кодексот.

Од експертски аспект за документот зборуваше проф. д-р Кирил Темков, редовен професор по етика на Философскиот факултет во Скопје кој меѓу другото порача „Децентрализирајте ја земјата. Тоа е прва наша етичка вредност“ со став дека најголемата грешка во Македонија е направена во 91 година кога од децентрализација повторно се премина на централизација на надлежностите. Потенцирајќи дека „Ова е кодекс кој ќе послужи ако ги предупреди луѓето дека се луѓе и дека грешат и дека треба да работат за своите сограѓани“, проф. д-р. Темков јавно го постави прашањето зошто во Македонија нема етички кодекс за државните функционери.

Image 

Презентирајќи го својот став околу значењето на кодексот и искуството од неговата подготовка, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски укажа дека 17 години Македонија тапка во место при што сме сведоци на морална ерозија, корупциски афери во медиумите и искривена слика за политиката. „Овие стандарди на однесување треба да ги сватиме како стандарди за домаќинско и одговорно однесување на избраните функционери. Етичкиот кодекс може да придонесе за стеснување на можностите за злоупотреба на функцијата“, потенцираше Коцевски.

За Етичкиот кодекс на локалните функционери говореше и Јордан Павлов, градоначалник на Општина Лозово според кого во локалната самоуправа има лица кои имаат проблем со етиката, а Етичкиот кодекс треба да биде не само документ наменет за нив туку пред се „Буквар на сите граѓани“. Тој укажа на големите разлики во потенцијалите на општините што според него во втората фаза на децентрализација „ќе се врати како бумеранг“. Дискусијата околу Етичкиот кодекс на локалните функционери предизвика голем интерес кај присутните. На наредната седница, документот треба да го усвои Советот на Општина Велес што ќе придонесе за примена на највисоките стандарди за отвореност и транспарентност на локалната самоуправа.