Јавна расправа за можноста и условите за задолжување на Општина Велес

ImageВрз основа на  Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, во организација на Општина Велес на ден 21.06.2007 година, во просториите на општината се одржа јавна расправа посветена на можноста и условите за долгорочно задолжување на општината. Во присуство на претседателот и членови на Советот на Општината, претставници на институциите под надлежност на општината, јавните претпријатија основани од општината,  медиумите, здруженија на граѓани, урбани и месни заедници, можностите за задолжување на општината за финансирање на капитални проекти ги презентираше градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Потенцирајќи дека задолжувањето на општината во земјава и во странство е  можност која произлегува од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, градоначалникот Коцевски преку power point презентација ги пренесе ставовите на Општина Велес околу очекуваните придобивки од задолжувањето и предлозите за реализација на капитални проекти од кои интерес ќе имаат сите граѓани на Велес. Во рамките на презентацијата како очекувани придобивки од ползувањето на можноста за задолжување беа посочени:

•    Реализација на капитални проекти во кратки временски рокови.
•    Надминување на проблемите поврзани со финансирање на капитални проекти.
•    Создавање на подобри услови за живот на граѓаните.

Со напомена дека Општина Велес ги исполнува  критериумите за задолжување согласно законот, Коцевски потенцираше дека општините можат да се задолжуваат со издавање на општински обврзници соодветно на досегашните позитивни искуства од повеќе европски земји и со класични комерцијални кредити. Притоа износот на задолжување не може да биде поголем од тековно оперативниот буџет на општината кој во случајот на Општина Велес изнесува 65 милиони денари.

Во рамките на презентацијата, градоначалникот Аце Коцевски  изнесе предлог за приоритетен капитален објект што општината би го реализирала со ползување на можноста за долгорочно задолжување. Притоа како приоритетен проект беше предложена изградаба на регулација на реката Вардар со изградба и уредување на површина од 350 м од левата и 400 м од десната страна на Вардар.   

Како што беше речено на јавната расправа за реализација на оваа капитална инвестиција општината располага со идеен проект за регулација на река Вардар на потегот од Башино Село до река Тополка, Детален урбанистички план и Главен проект за изградба на кејот на Вардар.
Со реализацијата на капиталниот проект за доизградба на кејот ќе се уреди овој дел од градот, ќе се заштити од поплави и ерозија, ќе се заштити десниот краен столб на „Мало мовче“, Велес ќе добие европски лик, многу нови можности за развој на високото образование, угостителството и претприемништвото како и поголеми можности за спорт и рекреација на граѓаните
 
Image

Граѓаните беа информирани дека општината веќе стапила во контакт со заинтересирани странски банки меѓу кои и еден грчки банкарски козорциум кој нуди поволна каматна стапка и грејс период од две години. 50% од банкарскиот ризик би го гарантирала Американската агенција за меѓународен развој УСАИД.

Од дискусијата по предлогот за искористување на можноста за задолжување на општината произлезе поддршка на идејата за регулација на река Вардар како и други предлози кои заслужуваат внимание од велешката јавност меѓу кои:

•    Изградба на колекторски систем со пречистителна станица;
•    Изградба на постројка за третман на цврст комунален отпад;
•    Гасификација на Велес;
•    Изградба на мост на река Вардар;
•    Реализација на проекти од областа на енергетската ефикасност и др.

Со напомена дека гореспоменатите предлози во моментов не можат да се реализираат со задолжување бидејќи го надминуваат тековно оперативниот буџет на општината, беше разгледана опцијата за реализација на некој од овие капитални проекти со аплицирање за средства од ИПА програмата на ЕУ.

Притоа предложениот проект за регулација на реката Вардар и од присутните беше посочен како реално остварлив во моментов.
Во периодот што следи Општина Велес преку локалните медиуми и преку анкетирање на граѓаните ќе ја продолжи дебатата за можностите за задолжување на општината.