Прес конференција на градоначалникот Аце Коцевски (02.07.2007)

ImageСтартот на втората фаза од процесот на децентрализација и новите предизвици на општините особено во областа на образованието беа во фокусот на вниманието на редовната прес конференција на градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски. Оценувајќи ја втората фаза на децентрализацијата како суштинска за развојот  на  локалната самоуправа, Коцевски изрази задоволство од подготвеноста на Општина Велес да се соочи со предизвиците.

„За среќа Општина Велес е во групата на општини кои влегуваат во втора фаза дури и кога најрестриктивно би се применувал законот“, рече градоначалникот кој како најголеми во моментов ги посочи проблемите во сферата на образованието каде општините се соочуваат со недоволен трансфер на средства за превоз на учениците. Во образованието остануваат нејаснотии и отворени прашања меѓу кои и статусот на наставниот кадар. Ставот на ЗЕЛС е дека овие долгови треба да ги покрие владата. Коцевски упати апел до Владата на Република Македонија во ребалансот на буџетот да предвидат многу повеќе средства за оваа намена.

Според првичната проценка 30 општини ќе влезат во втората фаза на децентрализација, но како што рече Коцевски, списокот може да се измени по доставувањето на кварталните извештаи.

Изразувајќи задоволство од изграденоста на капацитетите на Општина Велес на самиот старт од втората фаза на процесот на децентрализација, Коцевски ги презентираше податоците од последното мерење на индексот на капацитет на општините извршено во рамките на Проектот за децентрализација на USAID. По изграденоста на капацитетите, Велес по трет пат е водечка општина во Македонија со вкупно 77 поени. Просекот на општините во Македонија овојпат изнесува 38,21 поен. Колку за споредба при првото мерење во 2006 година, индексот на капацитет на Општина Велес изнесуваше 42 поени.

Воедно тој ги пренесе позитивните оценки на г-ѓа Кори Удовички, помошник на Генералниот секретар на ОН и директор на УНДП  за Сојузот на независни држави и регионот на Југоисточна Европа која во писмото упатено по посртата на Велес изразува задоволство од капацитетите на општината и најавува нови заложби на Програмата за развој на ОН за поддршка на граѓаните на Велес и Македонија.

Во рамките на прес конференцијата Коцевски посочи на утврдени неправилности во постапката за избор на директор во ООУ „Благој Кирков“. Како што потенцираше градоначалникот, увидот извршен од овластениот просветен инспектор на Општина Велес покажал дека изборот е направен со прекршување на законските прописи. Како најголеми неправилности посочени се:

- Лице кое не добило ниту еден глас од Советот на родители учествувало во работата на во Училишниот одбор што е спротивно на законот;
- Наместо потребните 9 гласањето се одвивало под нејасни околности со  18 (двојно поголем број) ливчиња;
- Од службите се добиени два комплета гласачки ливчиња, незапечатени, необележани што дава причина за сомнеж во нерегуларноста на гласањето.

Од овие причини и со напомена дека нема ништо против предложениот кандидат, градоначалникот Аце Коцевски укажа дека нема да го прифати предлогот на Училишниот одбор за избор на директор и дека ќе го врати на повторно разгледување.

На прес конференцијата Коцевски ги информираше новинарите за тековните активности за  преселба на ООУ „Џинот“ во ООУ „Благој Кирков“ меѓу кои белење на 16 училници, белење и санација на 5 канцеларии и санација на прозорците на сите три ката од училиштето.

Тој ги извести новинарите и дека со Амбасадорот на Кралството Холандија во име на Холандското Министерство за развој и соработка е потпишан договорот за поддршка на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2007 и 2008 година. Финансиската поддршка на Кралството Холандија е во вкупен износ од 2.424.000 денари.

Во рамките на прес конференцијата беше најавено и четвртото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ кое ќе се одржи во периодот 05-08 јули годинава. На фестивалот ќе учествуваат 5 културно уметнички друштва од странство: Босна и херцеговина, Романија, Србија, Турција, Словенија и 6 од Македонија од кои 5 велешки. Вкупниот број на учесници од странство е 175 лица.

Коцевски ги извести новинарите дека 2008 година ќе биде прогласена за година на Рацин и дека ја прифаќа иницијативата за пренесување на моштите на Великанот од заедничката гробница во Спомен костурницата во посебен мавзолеј во центарот на Велес каде сите граѓани и почитувачи на делото на Коста Солев рацин ќе можат да му оддадат почит.