Министерот Мешков во работна посета на Велес

ImageВо прилог на реализацијата на определбите на Владата за продлабочување на соработката со локалните заедници во Република Македонија, како и со цел да ги види искуствата на Велес од првиот локален проект за отворање на народна кујна во детска градинка, Љупчо Мешков, Министер за труд и социјална политика, престојуваше во работна посета на Општина Велес. Тој ја посети народната кујна- проект што Општина Велес го реализира во клонот 6 при ЈУДГ „Димче Мирчев“.

Министерот Мешков оствари средба со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на кој се разговараше за почетокот на втората фаза на децентрализација, надлежностите на општините во сферата на социјалната заштита, специфичните искуства на Велес и придобивките од проектот Народна кујна што овозможува секојдневна дистрибуција на топол оброк за 100 лица.   Како што на прес конференција рече Министерот Мешков, позитивниот пример на работа на народната кујна во простории на детска градинка  може да се спроведе и во другите Општини во Македонија. „Во понеделник стартува проектот на Владата на Република Македонија „Народна Кујна“ кој ќе се спроведува во 20 општини во Македонија. Токму затоа денес дојдовме во Велес , да видиме како функционира тој проект и да ги примениме позитивните искуства,да ги увидиме и спречиме  евентуалните негативности во организацијата на работата на народните кујни ширум Македонија“, рече меѓу другото Мешков.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, изрази задоволство што Велес е прва општина во  Македонија каде успешно функционира народна кујна во склоп на детска градинка и што овој позитивен пример може да се примени во сите општини во Македонија.