„Стоби“ 2007 - Свечено отворање
Во космополитски амбиент, со звуците и раскошот на традиционалната музика од Народна Република Кина, во античкиот театар на археолошкиот локалитет, започна шестото издание на Меѓународниот фестивал на античка дрма „Стоби“. Како увертира во светот на театарот, Фондацијата за култура и уметност „Тјанџин Кетај“ од Народна република Кина го пренесоа духот на својот народ пред повеќеилјадната публика во Стоби подарувајќи и единствено доживување.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој меѓу другото напомена дека „Античкиот театар во Стоби е местото што ги поврзува животот, динамичното и недвижното културно наследство не само на македонскиот народ туку и на светот“. Тој им посака срдечно добредојде на учесниците на фестивалот.
И годинава патувањето во светот на античкиот театар започна со спектакуларен огномет. Честа први да се претстават пред театарската публика во Стоби ја имаа членовите на Народно позориште „Тоша Јовановиќ„ од Зрењанин, Република Србија кои настапија со претставата „Антигона“ од Софокле во режија на Лјубослав Мајера. Фестивалот продолжува во понеделник, 23 јули, со претставата „Индија, Индија“ од Петре Бакевски, во режија на Младен Крстевски работена во копродукција на Штипско и Скопско културно лето.