Конституиран Совет за развој на Вардарскиот Плански Регион

ImageСогласно Уставот на република Македонија, Законот за рамномерен регионален развој и политиките за регионален развој што во Република Македонија ги спроведува Министерството за локална самоуправа, во Велес е конституиран Совет за развој на Вардарскиот плански регион.


На конститутивната седница која се одржа во Општина Велес, во присуство на градоначалниците од општините Демир Капија, Росоман, Градско, Чашка и Велес како и претставници на општините Кавадарци и Неготино приоритетите за рамномерен регионален развој на Република Македонија ги претстави Сенат Оџоски, Заменик - министер за локална самоуправа. Тој напомена дека по конституирањето на Советите на 8-те плански региони во Република Македонија, следува комплексен процес кој ќе опфати заокружување на правната рамка со донесување на подзаконски акти, отворање на центри за развој на планските региони, формирање на стручни тела, подготовка на акционен план и национална стратегија за рамномерен регионален развој.

Седиште на Вардарскиот плански регион е Општина Велес како општина со најголем број жители во регионот. Со седиште во Велес ќе биде и најавениот Центар за развој на планскиот регион во кој ќе бидат вработени 5 лица. На конститутивната седница, за претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион едногласно е избран Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес. Изразувајќи благодарност за укажаната доверба, Коцевски ги посочи приоритетите за развој на регионот и реализација на проекти меѓу кои изградба на фабрика за цврст комунален отпад, изградба на патот Велес – Прилеп и други инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за развој на регионот.

Како што беше речено на седницата, во најкраток можен рок Владата на Република Македонија треба да го усвои актот за основање на Национален совет за рамномерен регионален развој во кој ќе членуваат претставници на советите за развој од осумте плански региони во Македонија.
 
Image  Image
Image  Image