Заврши VI-тиот Меѓународен фестивал на античка драма „Стоби“
Синоќа (30.07.2007), со претставата „Да се заборави Херострат“ во изведба на Народниот театар од Велес, се спушти завесата на VI-то издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби. Публиката покрај претставата на Велешкиот театар присуствуваше на вистински музички спектакли што го приредија уметниците Драган Даутовски и Александра Поповска.
На Фестивалот годинава се доделија 5 награди и тоа:
- за најдобра претстава (grand prix) – беше прогласена претставата на Велешкиот театар „Да се заборави Херострат“
- Наградата за најдобра режија ја доби Зоја Бузалковска за истата претстава.
- Наградата за најдобра женска улога и припадна на актерката Татјана Беспалова за улогата на Медеа во истоимената претстава на театарот „Город“ од Долгопрудниј, Руска Федерација.
- Наградата за најдобра машка улога ја понесе Јордан Витанов за улогата на Тисаферн во претставата „Да се заборави Херострат“ и
- наградата за посебен уметнички израз и припадна на претставата „Индија, Индија“ што на сцената на Стоби ја постави копродукцијата на Скопско и Штипско културно лето.
Во конкуренција за наградување беа претставите: „Антигона“ од Софокле во изведба на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Република Србија; „Индија, Индија“ во копродукција на Штипско и Скопско културно лето, „Медеа“ од Еврипид во адаптација на Разумовскаја во изведба на театарот „Город“ од Долгопрудниј-Руска федерација и „Да се заборави Херострат“ од Григориј Горин во изведба на Народниот Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, Република Македонија.
Одлуката за наградите ја донесе стручно жири во состав: Данчо Чеврески – претседател и Шенка Колозова и Трајче Кацаров, членови.
И годинава донатор на наградата grand prix е копаничарот Љубомир Бисин.
Да потсетиме: Основач на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ е Општина Велес. Фестивалот се организира со административно-техничка и финансиско-материјална поддршка од општинската администрација и Буџетот на Општина Велес. Со Фестивалот раководи Организационен одбор именуван од Советот на Општината. Фестивалот е дел од Програмата за култура на Општина Велес.