Резултати од турнирот „Тунел 2007“
Синоќа на 31 јули, во Населба Тунел повеќе од илјада граѓани ја следеа завршната вечер, на која се одиграа и последните два полуфинални натпревари на седмиот традиционален турнир во мал фудбал „Тунел 2007, што се организира во чест на празникот Илинден под покровителство на Градоначалникот на Општина Велес.
Оваа година учество земаа 21 екипа од Општините Велес, Скопје, Неготино, Извор и населените места Мамутчево и Иванковци.На спортскиот терен се одиграа вкупно 37 фудбалски натпревари.Третото место на турнирот го освои екипата на „Такси кец“ која на пенали со 5:3, ја победи екипата на „Дени комерц“.Во големото финале се сретнаа екипите на „Црна река“ од Неготино и „Маја компани“од с. Кадино, скопско.Со подобра и поефикасна игра, особено во текот на второто полувреме заслужено победата ја однесе екипата на „Црна река“со постигнат резултат на средбата 4:2 и стрелци на головите Тодоровски -3 и Трајков-1. Головите за екипата на „Маја компани ги постигна Милошевиќ.
Со оваа победа екипата на „Црна река“ стана официјален победник на седмиот турнир во мал фудбал „Тунел2007“. Второто место и припадна на екипата „Маја компани“с. Кадино, скопско.Покрај наградите за постигнати резултати во екипно учество беа доделени награди и за најуспешните поединци.
За најдобри поединци на турнирот беа прогласени:
Зоран Трајчевски од екипата на „ Маја компани“ за најдобар голман
Лазе Мицев од екипата на „Црна река“ за најдобара голгетер и
Горан Тодоровски од екипата на „Црна река“ за најдобар фудбалер на турнирот.
На најдобрите екипи и поединци им беа доделени парични награди, пехари, дипломи и спортска опрема. Наградите на добитниците ги врачуваше Градоначалникот на Општина Велес, господинот Аце Коцевски.
Во чест на големиот празник Илинден покрај овој спортски настан од 19:00 часот течеше и атлетската трка „Илинден“ 2007“ која ја организира Атлетскиот клуб „Изгрев“, а е под покровителство на Општина Велес. Стартот и целта за учесниците на атлетската трка беше спортскиот терен „Тунел“ Учесниците се натпреваруваа во категорија на сениори и сениорки. Должината на патеката за сениори изнесуваше 8000 м,а за сениорки 4000 м.На натпреварот учествуваа 30 сениори и 10 сениорки од повеќе атлетски клубови од Република Македонија.
Во конкуренција на сениори победници се :
1.Трпе Тиновски, АК „Центропром“-Скопје
2.Зоран Саздов, АК „Бегалница“-Штип
3.Александар Кочовски, АК „3-ти Ноември“- Прилеп
Најдобри сениорки се :
1.Ениса Тасевска АК „Центропром“-Скопје
2.Христина Ристевска, АК „3-ти Ноември“- Прилеп
3.Фросина Ристеска, АК „3-ти Ноември“- Прилеп
На најдобрите атлетичари наградите им ги врачија Градоначалникот на Општина Велес, господинот Аце Коцевски и господинот Љупчо Ѓеоргиев, претседател на Атлетскиот клуб „Изгрев“ .
По овие два спортски настана во предвечерието на најголемиот македонски празник „Илинден“, многубројната публика имаше можност да ужива во настапот на групата „Медиум“ и специјалниот гостин на вечерта, естрадната уметничка Сузана Спасовска. Бројните аплаузи и искрените емоции го потврдуваа задовоството на сите присутни за една вака мината вечер.