Актуелни состојби во образованието
Со цел да се обезбеди непречен почеток на новата учебна година и да се надминат сите проблеми пред стартот на втората фаза на фискалната децентрализацијата Општина Велес организираше средба со раководствата на сите основни и средни училишта, како и останатите воспитно образовни установи. Актуелните состојби во училиштата, компјутеризацијата, создавањето на основен регистар и проценка на училишните објекти, како и за редовното изготвување на Годишните програми за престојната учебна година беа само дел од темите разгледани на состанокот.
Градоначалникот Аце Коцевски ги информираше присутните за сите извршени активности и инфраструктурни зафати што општината ги реализираше од сопствениот буџет со цел да ги подобри условите за настава. Како што беше речено на состанокот несоодветното финансирање на наставниот процес ги доведе општините во ситуација да се запрашаат дали воопшто се случува децентрализација. Неподмирените долгови и недоволните трансфери на средства засега се најкритична точка на децентрализацијата на образованието. Во рамките на средбата беше организирана и обука за изработка на Годишни програми за работа на училитата.