Едногласна поддршка на регионалниот развој

ImageСоветот на Општина Велес на својата 52 седница, едногласно усвои Одлука за формирање на Центар на Вардарскиот плански регион. Членовите на Советот на општината  ја прифатија иницијативата на Советот за развој на Вардарскиот плански регион составен од градоначалниците на општините Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Центарот на Вардарскиот плански регион ќе работи со седиште во Велес како единица на локалната самоуправа со најголем број жители во планскиот регион.
 
Раководителот на Центарот  на секои 4 години ќе го избира Советот за развој на Вардарскиот плански регион, а во него ќе се вработат неколку лица по пат на јавен конкурс. Центарот треба да помогне во поттикнувањето на регионалниот развој преку подготовка на акциони планови,  проекти и др. Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој воедно е претседател на Советот на Вардарскиот плански регион, на седницата изрази надеж дека надлежните во државата ќе преземат мерки Вардарскиот регион да се зголеми со вклучување на други општини со што би се достигнала бројката од 150.000 жители неопходна за усогласување со политиката на ЕУ за рамномерен регионален развој. Со тоа ќе се отворат можности за реализација на значајни проекти со средства од фондовите на ЕУ.
 
Image