VNG International во Велес
Делегација на Асоцијацијата на општини на Кралството Холандија VNG International и претставници на ЗЕЛС престојуваа во официјална работна посета на Општина Велес. Во рамките на посетата тие остварија средба со градоначалникот Аце Коцевски и службеници од општинската администрација од областа на финансискиот менаџмент, правни прашања, информатичка технологија и односи со јавност.
Целта на посетата беше размената на мислења околу потребите на општините за соработка со ЗЕЛС и приоритетни услуги што ЗЕЛС би можел да ги обезбеди како поддршка на општините. Средбите поминаа и во знакот на воспоставувањето на пријателство и соработка со VNG International како придобивка за сите граѓани во Велес. Во рамките на посетата делегацијата имаше можност да ја разгледа црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“ за која гостите од Кралството Холандија изразија воодушевување оценувајќи ја како бесценето национално богатство на Република Македонија.