Хидросистем Лисиче - Владата ги заборави Велешани

Image„Однесувањето на Владината делегација на чело со премиерот при свеченото пуштање во употреба на хидросистемот Лисиче не е навреда за градоначалникот, туку пред се за граѓаните на Велес кои не беа присутни на настанот“, изјави на прес конференција градоначалникот Аце Коцевски реагирајќи на фактот што Владата заборави дека изградбата на објектот ја започнаа граѓаните на Велес со издвојување на средства преку самопридонес. Велешани во објектот кој почна да се гради во 1988 година вложија 10 милиони евра.

Вкупната инвестиција изнесува 65 милиони евра. Никој од државниот врв не ги спомена овие факти при свеченото пуштање во употреба на хидросистемот. „Вакво неправедно однесување не смее да се случува во демократска држава. Демократијата не подразбира јавно презентирање само на партиски интереси за што сведочи фактот што ова е третпат во Велес Владата да се однесува на истиот начин“, рече Коцевски. Тој најави дека откако ќе зафрши полнењето на акумулацијата, ќе побара од ЈП „Лисиче“ да ги исполни обврските што ги има кон граѓаните на Велес како директни учесници во инвестицијата. На прес конференцијата Коцевски укажа дека партиските интереси Владата јавно ги манифестира и преку изградбата на спортски сали и заедничкото јавно настапување само во општините каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е случај кога се работи за градоначалници од спротивниот политички табор. “Интересите на граѓаните не смеат да се мешаат со партиските интереси“, рече Коцевски.