Отстранување на времените објекти - Занаетчиите побараа компромис
Занаетчиите корисници на времени објекти и Општина Велес преку заедничка средба се обидоа да ги надминат проблемите иницирани со спроведувањето на законската регулатива за отстранување на времените објекти. На средбата со овие граѓани, градоначалникот Аце Коцевски укажа на одговорноста на општината во спроведувањето на законите: „Целосно застанувам зад активностите на општинската администрација за отстранување на времените објекти затоа што се што се прави значи спроведување на законот на подрачјето на општината“, рече Коцевски“.
Оценувајќи ја средбата како мошне конструктивна тој најави дека и покрај тоа што општината генерално не остапува од зацртаната политика, на барање на занаетчиите е постигнат компромис во однос на динамиката на отстранување на времените објекти. Целта е на занаетчиите да им се остави повеќе простор да се снајдат со нов простор за работа и да се спречи создавањето на нови социјални проблеми. Општината ќе им помогне и со евиденција на слободниот деловен простор во градот. Од своја страна корисниците на времени објекти побараа од градоначалникот да посредува во остварување на средба со Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски на која ќе побараат приоритет при лицитацијата на градежното земјиште на кое во моментов се наоѓаат времените објекти.