100 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ЈОВАН НАУМОВ АЛАБАКОТ
Во организација на Општина Велес денес по повод 100 годишнината од загинувањето на најопејуваниот велешки војвода Јован Наумов Алабакот се одржа трибина. Воведничарите на трибината – Весна Стојанова Богоевска, претседател на Комисијата за општествени дејности при Советот на Општина Велес и г-дин Кочо Топузовски публицист чија специјалност е Илинденскиот период од македонската историја во двочасовно излагање успејаа да ја појаснат и да ја доближат вистината за Алабакот, но и за Андреа Димов Докурчев и Тодор Христов Офицерчето – велешките војводи стожери на Илинденското востание.
Општина Велес која е и организатор на оваа трибина уште еднаш ја докажа својата неуморност во потрагата за откривање на роднокрајната историја. Воведничарите на трибината меѓудругото истакнаа дека благодарение на храброста,неуморноста и непоколебливоста на големите синови на македонската национална борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век се трасираше патот на идните генерации македонски револуционери.
Ние ,новите генерации на револуционерниот и никогаш нескршлив Велес треба гордо,објективно и не дневно политички да се запрашаме кои се нашите корени, кои се “виновниците”за нашата слобода , кои се оние кои што се заборавени,прикриени со превезот на мистериозноста и тајновитоста.
Учесниците и гостите на трибината од името на Градоначалникот и Советот на Општина Велес ги поздрави претседателот на Советот, г-дин Трајко Бабунски. Пред почетокот на трибината учесниците се поклонија на гробот на војводата Јован Наумов Алабакот во неговото родно село Ораовец и пред споменикот на велешките илинденци во центарот на Велес.