Европска Недела на локална демократија
Како се одлучува за развојот на една општина? За првпат во рамките на одбележувањето на Европската недела на демократија, тоа го почувствуваа младите од Велес, членови на организацијата Блу Скај која работи под покровителство на Британскиот Совет во Македонија. На работилницата „Младите и општината“ што се одржа во организација на Општина Велес и Блу Скај, младите средношколци одржаа седница на совет според деловникот на Советот на Општина Велес.
Во свое лично име, во име на градоначалникот Аце Коцевски и во име на Советот на Општина Велес ги поздрави претседателот на советот,Трајко Бабунски: „ Во контекст на силните заложби на Република Македонија за успешна реализација на процесот на евроинтеграции како и заложбите на Општина Велес активно да се вклучи во тој процес, одлучивме Европската недела на локална демократија да ја одбележиме давајќи им можност на младите директно да почуствуваат што значи да се одлучува за развојот на една локална заедница“рече меѓу друготоБабунски. На седницата младите гласа за предлог одлуките за интезнизивирање на културниот живот, отворање на Младински центар и користење на алтернативни енергии.
Младите го посетија и Граѓанскиот сервис центар и новата прес сала на Општина Велес.
Европската недела на локална демократија е нов Европски настан организиран од Советот на Европа и Европскиот комитет за локална и регионална демократија во чии рамки во локалните заедници на сите земји членки, кандидати и аспиранти за членство во ЕУ се одржуваат вакви настани.
Основни цели на проектот наречен Европска недела на локална демократија е да ја приближи локалната самоуправа до граѓаните, да ги информира граѓаните за надлежностите на локалните власти, да го промовира принципот на отчетност и транспарентност во работата на локалната самоуправа и да ја зголеми јавната свест за заедничкото учество на граѓаните и локалната самоуправа во развојот на општината.