40-ти Јубилејни Детски Рацинови Средби
250 деца од 25 градови од Македонија како и од збратимените градови Свиштов, Република Бугарија и Ниш, Република Србија учествуваат на 40-то јубилејно издание на манифестацијата „Детски Рацинови средби“ во Велес.
„Да се пишува значи да се има храброст најсилните емоции да се споделат со светот, да се соголи душата на поетот. Тоа Рацин некогаш го направи за сите нас, ни се подари себе си и остана запишан во вечноста.
Вие денес, со Вашата детска мисла и збор ја пишувате историјата на македонската култура, а Вашата љубов кон поезијата на Рацин и воопшто кон пишаниот збор само потврдува зошто сте наша гордост и надеж“.
Со овие зборови Детските Рацинови средби ги отвори градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој на централната свеченост на манифестацијата ја врачи Гран при наградата на ученичката Викторија Панова од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Свети Николе за најуспешна творба на литературниот конкурс.
Првото место на конкурсот го освои Никола Илиев од ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш, второто Ана Бошковска од ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ од с. Иванковци а третото Ангела Донева од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Велес и Наталија Коцевска од ООУ „Васил Главинов“ од Велес. 11 Ученици беа пофалени за нивните литературни творби.
Специјалната награда за збогатување на училишниот библиотечен фонд, Општина Велес годинава му ја додели на Подрачното училиште во Башино Село при ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Централната свеченост ја разубави настапот на Театарот за деца и младинци од Скопје, кој ја изведе претставата „Македонска приказна“.
Учесниците на средбите ги посетија Народниот музеј и спомен куќата на Рацин. Манифестацијата беше збогатена со ликовно вајарска работилница, а најуспешните дела на младите уметници беа наградени со пригодни награди.Во рамките на програмата, претседателот на Советот на Општина Велес Трајко Бабунски ја отвори изложбата „Училиштата ви се претставуваат“ чиј домаќин годинава беше ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Во чест на јубилејот Општина Велес додели благодарници на институции, претставници на бизнис секторот и поединци кои придонеле за 40 годишното опстојување на средбите.
40-то јубилејно издание на Детските Рацинови средби продолжува со поетски караван низ општинските училишта, промоција на книгата „Не знам зошто е така“ од Македонка Јанчевска и литературно читање на велешките и детските поети од Македонија.