Отворена Црковно народна кујна
Животот во месноста Дворови доби нова димензија. Како резултат на партнерството помеѓу Општина Велес, Повардарската Епархија при МПЦ и Македонскиот центар за меѓународна соработка за граѓаните во тешка социјална состојба е отворена Црковно народна кујна.
Во рамките на свеченото отворање на Црковно-народната кујна, градоначалникот Аце Коцевски ги потенцираше заложбите на Општина Велес за помош поддршка и еднаквост на сите граѓани „Посакувам со текот на времето да има се помалку корисници на услугите на народната кујна“ порача Коцевски со напомена дека Општина Велес и во периодот што следи ќе прави напори за подобрување на животот на маргинализираните групи граѓани.
Во името на МЦМС за проектот говореше извршниот директор Сашо Клековски кој го потенцираше значењето на хуманоста и поддршката на сите оние на кои им е потребна „Сметам дека најмногу од се се значајни партнерствата кои можат да направат многу за граѓаните“, рече меѓу другото Клековски.
Со чинот на осветување на Црковно народната кујна чиноначалствуваше господин Агатангел, митрополит на Повардарската Епархија. „Не исполнува духовна радост зошто се исполни дамнешната желба на Повардарската Епархија и верниците“, рече неговото високо преосвештенство, господин Агатангел кој ги повика граѓаните во животот секогаш да најдат сила и пригода да помогнат и да бидат хумани.
Во новоотворената Народна Кујна во уреден и соодветно опремен амбиент топол оброк секојдневно ќе можат да добијат граѓаните на кои им е неопходна таква помош. Општина Велес во рамките на проектот го отстапи објектот, ја набави опремата и го уреди просторот пред Црковно народната кујна.