Се реновира училиштето во Бузалково

Во тек се завршните градежни работи за реновирање на подрачното училиште на ООУ „Васил Главинов“ во Бузалково.

Освен изведувањето на ситни лимарски и браварски работи и замена на оштетени прозорски стакла се изврши и санирање на подни подлоги- стругање и лакирање на подовите во училниците на вториот кат со вкупна површина од 200 квадрати, како и замена на осум внатрешни врати. 

Вкупната вредност на инвестицијата со вклучен ДДВ изнесува 400 000 денари, а средствата ги обезбеди Општина Велес од буџетот. Градежните работи ги изведува  компанијата „Изгрев Инженеринг“. Општина Велес започна со изведување на градежните зафати веднаш по завршувањето на училишната година, а предвидено е истите да завршат најдоцна до 20 август, со што училишната зграда ќе биде подготвена за почетокот на новата учебна година.  Учениците ќе учат во реновирани училници, во значително подобри услови за настава.

Во изминатите неколку месеци, Општина Велес спроведе неколку градежни зафати во повеќе училишта. Завршена е првата фаза на уредувањето на дворот во ССОУ „Коле Неделковски”, а во есенските месеци ќе се реализира втората фаза со поставување на систем за наводнување по принципот „капка по капка“ и хортикултурно ќе се уреди дворот на училиштето. До почетокот на училишната година, ќе се изврши и  реконструкција на санитарните јазли и во подрачното училиште на ООУ „ЈХК Џинот” во Башино село.