Стратегија за борба против наркоманијата
На предлог на Центарот за интегрална рехабилитација „Виготски“ и Агенцијата за млади и спорт, Советот на Општина Велес усвои Стратегија за превенција и борба против наркоманијата. Порокот од кој страдаат се повеќе млади генерации го предизвика интересот на присутните на седницата.
Заеднички интерес на Општина Велес, здруженијата на граѓани и надлежните институции е стратегијата да не остане само декларативна заложба туку да донесе конкретни резултати во сузбивањето на користењето на наркотици и психотропни субстанци кај младите во Велес. Стратегијата ги отвори и прашањата на трговијата со дрога и улогата на сите засегнати страни во превенцијата на овој црн бизнис. Стратегијата оди во прилог на започнатиот проект за отворање на Дневен центар кој ќе се грижи за граѓаните кои страдаат од овој порок. Центарот треба да профункционира во објектот во сопственост на Општина Велес во кој во моментов работи матичната служба.